Силуетата на емоции може да биде предизвикана од таа музика која ни ги допира нашите срца, а тој белег во нашата земја претставува традиционалната музика. Мило ми е што секогаш има музичари кои ја пренесуваат таа музика од генерација на генерација, а Зарина навистина го прави тоа со зачин на модерност, со што оваа уметница навистина заслужува почит што патот си го најде токму низ призмата на овој звук.
Лесно е да не се грижеме за културата, бидејќи треба храброст за искажување на таа грижа, но јасно ние дека некултурата е секогаш поскапа.
Зарина навистина не наежува со својот глас и не одведува до носталгијата за значењето на културата во опшеството.
- Како беа твоите почетоци и зошто се одлучи токму за традиционална музика?
Дефинитивно пробував повеќе жанрови, од 15 години свирев во Битола, Охрид, Прилеп во бендот Cookie Jam. Бендот се состоеше од клавијатури, бас, тапани и вокал, правевме некој коктел од Мадона, до Џамирокваи и Молоко, ама ништо од тоа не ме допре до степен како што го прави тоа традиционалната музика, односно да ме ежи, да ми доаѓа за плачење и сите тие силни емоции помеѓу еуфорија и потполно смирение.
Потоа, откако се запишав на факултет морав да прекинам со бендот бидејќи беше стациониран во Битола, а јас се преселив во Скопје и се посветив на факултетот.
Се до втора година кога НУ “Танец” објавија имаa аудиција за пејачи. Се пријавив и на никој не кажав… Си реков ајде да пробам. Кога отидов таму сите беа музички образовани, а само јас не. Немав некои особени очекувања, бидејќи сфатив дека не сум квалификувана во однос на останатите. Но, за моја среќа, од сите тие отприлика сто пријавени, влегов во последните пет. Така се случи да останам таму 6 месеца како волонтер, т.е не добив вработување поради тоа што немав соодветно образование.
После тие 6 месеци и целата едукација во Танец, единствениот музеј за вокална интерпретација на традиционална музика во Македонија, сфатив дека единствената музика која до тој степен може да ми ги допре сетилата е токму традиционалната, но во исто време сфатив дека пак класичниот фолклор не може во целост да ми ја задоволи потребата за естететиката која ми е потребна кога сум на сцена и онаа со која сакам да се бавам, правејќи традиционална музика во ова време во кое живејам. Па така, цело време барав начини, од 19 години до 25 години, всушност се додека не се случи Зарина, како да го постигнам тоа што ми звучи во главата, притоа, водејќи сметка и имајќи одговорност да се задржам на автентична вокална интерпретација, а од друга страна да се обидам како правец таа музика да може да се инфилтрира и да соодветствува на алтернативната сцена . Сето тоа трагање, сите тие години, ми помогна да сфатам што сум јас, што сакам да постигнам, што од моите љубови сакам да пренесам на публиката и колку тоа вистински ми значи, па да се обидувам постојано со едната рака ако не со двете да досигам до таму.
2. Зошто ти е битно да твориш традиционална музика?
Затоа што сметам дека ние сме благословени со толку многу автентична традиционална музика и фолклор, имаме толку многу со што да се пофалиме пред светот, што го толкувам како престиж и сериозен благослов тоа што ми е дадено да се бавам со овој тип на музика.
Сега кога излегувам надвор од Македонија и пејам традиционална музика и кога ќе го слушнат ритамот на македонската традиционална, се случува истото тоа што се случи тука на Д фестивалот на афричкиот бит, публиката танцува и се весели, а подоцна и коментарите се колку е егзотично, забавно, магично, медитирачко и слично…
Следствено на тоа, ако луѓе во Македонија танцуваат на афрички бит, зошто не би танцувале во 7 осмини некаде низ светот, додека јас пејам?
Сериозно, целта ми е од оваа позиција која што сум јас, заедно со целата своја мрежа на контакти и соработки што ја имам и оние кои ги создавам, да дејствувам и давам надчовечки напори за и македонската традиционална музика стигне до таму.
Сега има еден тренд каде што секој се обидува, ќе слушне некоја песна, ќе го допре и се труди на свој начин да ја интерпретира. Да не се разбериме погрешно, апсолутно ме радува кога младите луѓе слушаат традиционална музика и тоа ми е една од најдлабоките желби, но кога се става тоа на носач на звук и се издава, тука неминовно мора да се размислува на естетиката, односно што продаваме и дали сме свесни колку е важно тоа. Искрено, ми буди револт поп пеење или друг тип на несоодветни техники, како и лоши контексти врз традиционални песни, стари еден век. Навредливо е и тажно.
3. Како дојде до името?
Зарина Првасевда е охридска традиционална чалгиска песна и која е многу стара, уште од времето на Диме Садило кој е постулат на Охридската чалгија музика и генерално многу голем и значаен за чалгиската музика во Македонија. Луѓето кои познаваат традиционална музика, кога ќе чујат Зарина Првасевда отприлика насетуваат дека се работи за нешто многу традиционално и старо.
4. Како ти влијаееше растењето во музичка фамилија?
Епа тоа беше меч со две оштрици… На пример татко ми е музичар кој целиот жувот го посвети на свадбарската музика, тој беше дел од групата Бисер, со коишто беа заедно 30 години и вредно и напорно работеа во сосема друг дух од ова што јас го правам, и секако со тоа направија свој удел кој со години трае и е голем успех, бидејќи без тие песни кои своевремено ги работеа, ниту една свадба во Македонија мислам сеуште не започнува како на пример со аранжманот на татко ми на „4 месеци свадба се спрема“ или “ Жировница“ и други. Свиреа речиси секаде во светот, секаде промовирајќи ја македонската музика.
Тој во свое време беше исто така посветен на тоа, како тоа што јас сега го правам, но вистината е дека имаме и сме имале сериозни идеолошки несогласувања, што во мене пак роди силен порив да покажам и докажам она во што верував. Во исто време и тогаш и сега имаме иста кауза што се однесува до другарството, до семејниот пристап и љубов кон соработниците , како и во пожртвуваноста и сериозноста во пристапувањето кон музиката.
5. Како ти течи процесот од ништо до нешто?
Генерално традиционалната музика е предание од колено на колено и тоа е бунар кој се повеќе сфаќам дека нема дно. Цело време истражувам во традиционална музика од различни региони како егејскиот, пиринскиот дел, торбешијата, потоа во турската, албанската, бугарската и грчката музика и сеуште имам чувство дека сум на апсолутниот почеток и секогаш има некое ново сознание што тотално ќе ме изненади.
Во однос на креацијата на новиот албум, дефинитивно менувам тактика од претходниот, т.е овојпат на моја голема радост, сите членови на мојот ансамбл учествуваат во создавачкиот процес. Тоа отприлика оди на следниот начин: од истражувањата , доаѓам до некоја песна која ме допира, која сакам да ја снимам, ја пејам на проба и секој се закачува со свое видување и своја инспирација за неа или понекогаш им кажувам што ми треба да слушнам од инструментален дел. Подоцна се договараме што од тоа е соодветно а што не, кој што има да додаде или одземе, расвируваме и се закажува термин за студио.
За многу голем благослов го сметам тоа што овие луѓе кои си ги одбрав и ме одбраа да бидат дел од мојот ансамбл, најпрво се луѓе на кои музички им се восхитувам, подоцна, она што ми е многу важно како бенд лидер – тие се кстремно големи професионалци и им верувам, па до тоа дека се вистински другари а и она најбитното – навистина живеат за музика.
Тоа што се посветени и го даваат максимумот во секоја прилика, пристапуваат со многу љубов кон работата, е рецптот за леснотија во работата и процесот на создавање.
6. Како ти дојде идејата да се изразуваш на повеќе јазици?
Па, претходно бев дел од еден бенд каде толкувавме музика на повеќе јазици, тоа ми беше првата средба со фолклорот на други јазици. Тогаш ми се отвори еден нов музикоглед, односно целото тоа што претходно го знаев, доби една поголема ширина и слобода. Стана многу посериозно и предизвикувачко, а јас сум познат љубител на предизвици.
Како прв чекор, на којшто сеуште сум стационирана, почнав да истражувам повеќе за другите култури и да учам нови техники на пеење. Во првиот албум се песните со кои за прв пат се сретнав да кажеме со албанска, турска…
Во новите албуми ќе ставам песни од стари баби што ги имам снимено, сакам да третирам и повеќе торбешки песни, т.е песни на македонските муслимани кои имаат сериозно голем и богат фолклор и ни го облагородуваат тлово и т.н, и не би најавувала претходно бидејќи ни сама не знам точно каде се ќе ме однесе овој возбудлив пат на кој што се движам… но, едвај чекам и јас да видам што се има таму во длабокото хаха.
7. Која е разликата пеењето на врв на планина со пеење на сцена?
Па, јас пробувам и кога сум на сцена да си замислам дека сум на планина. Бидејќи често самата музика ме води до таму, соодветно на компарациите коишто се случуваат внатре а кои се поврзани со природни збиднувања, емоции, срцето, љубовта, болката, тагата, односно се што несомнено се поврзува со природата. Порано немајќи технологија и олку многу дистракции како нас, восхитиот од шумот на лисјата , змијата на нивата и сонцето што заоѓа биле инспрација која се става на песна. Авторите тоа го живееле, затоа и сега после сто години од создавањето на делото сеуште можиме да ја почувствуваме емоцијата. Искрено е и наивно, а тоа не се сокрива.
Жал ми е што во последниот период немам толку време да одам по планина и да го гасам суперегото, па да си се нурнам во срцето, но пак затоа наоѓам начини и се трудам на сцената секогаш да си донесам дел од природата и комфортното, па си уредувам со тепихче, пејам боса и танцувам како што ми доаѓа во моментот исто како никој да не ме гледа, како да сум си дома…
Инаку има дефинитивно разлика, друго си е кога дрвјата ти се шумот кои ти ја следат вокалната линија.
8. Каква еволуција гледаш во твојата музика и твојата перцепција за музиката?
Гледам прво еволуција кај себеси, ме радува дека од минатата година до денес сум друг човек. Си слушам интервјуа од пред 2 години и имам работи коишто сум ги надминала и имам други идеи сега за тоа.
Во однос на музиката, доаѓа време каде сфаќам дека колку е поедноставно толку е поубаво. Нема потреба нешто многу екстравагантни работи да правиме, туку чувството и емоциите сметам дека се насушна потреба на секого од нас па и на публиката што ме следи. Значи тоа, колку емоција внесувам, каков тип на интрументи и тип на песни одбирам да пејам.
9. Дали имаш омилена песна и место за изведба?
Сега имам нова омилена песна која ќе биде на новиот албум од Бапчорки – „Јордано зрно одбрано“ и е многу стара. Таа ми прави најмногу мерак.
Сепак ниту еден автор не може да каже дека едно дело му е поомилено дека се му е исто драго, но сепак ова ми е нешто ново и ми трепери душата на секое ново изведување.
10. Што мислиш дека е најавтентично во твојот звук и што би додадела?
Би додадела да одземам. Како што кажав и претходно, сфатив дека што поедноставно и поминимално ми е подобро. Во следниот албум дојдов до заклучок дека со помалку интрументи подобро звучам, а за сметка на тоа пак додадов повеќе вокали и многу добро се чувствувам кога речиси сите колеги од ансамблот пејат со мене, а што би додадела… Уште многу работа на вокалот и себеси како човек, а за ова пак мислам дека е процес кој никогаш не смее да заврши, што значи сум на шините кон вечна потрага на подобрата верзија од себе. Важно ми е тој воз никогаш да не застане. Секојдневно бескрајно благодарам на Бога за сите луѓе што се околу мене, ме бодрат и ми помагаат за да стојам цврсто на нозе и секој ден подлабоко да брусам повеќе кон она што навистина сум.
Природата секогаш не прави да се навратиме на почетоците, исто како и традиционалниот звук што ни прави чувство на припадност и носталгија. Скромноста секогаш е одлика на тие што се изразуваат од лични емоции, а не од некоја придобивка.
Кај Зарина го доживувам тоа и многу повеќе, но најмногу ми се допадна искреноста и емоциите на нејзината аура. Синергиите што ги прави се со цел да придонесат на нашето општество, а не само да додадат на звук во околината. Затоа битно е да се негуваат овие музичари, а не да се истакнуваат тие што пејат за пари и скапи предмети, бидејќи тоа е само минлив период во секој случај.
„Труд и постојамство тоа е силата“, затоа борете се за своите искази и нека бидат искрени.
Зарина може да ја следете: Spotify, Instagram, Youtube,
Фотографија: Емилија Трајковска