Сите си имаме своја смисла, но дали стигнуваме до нејзе и колку често ја преиспитуваме е битниот момент. Причината на Димиш и неговата музика е да му помогне на луѓето кои често се чувствуваат долу, победени и кога нема знак на нови патишта овде е да го објасни сосема спротивното.
Текстовите за спиралноста на фрустрациите од живеењето ги преточува со одлични мелодии, со што се прави да ги поставиме под лупа нашите мисли и да смислиме нешто наше. Затоа 11.5: spero е едно од тие нешта кои треба да ни стане стара навика на нашите слушалки.
1. Како настана Димиш?
Димиш настана такашто уште од 2016 година си правев инструментални песни, само за мене, и во 2019 година решив да не седат само во компјутерот и така се случи првиот инструментален албум кој се вика Inception со 9 песни. Инаку Димиш, како Димиш постои од 2001 година.
2. Артисти кои имаат влијание на твојата музика?
Па, Фонија број еден, Новиот Почеток, Хахаха, а од странско Парамор ме имаат многу инспирирано. Тие се како на врвот за мене, ама различно, се што слушам има некое влијание. Буквално секој артист може да ме инспирира на некој начин, дали некоја мелодија, текст или слично, ама како главни влијание се овие. Буквално Фонија беа причината зошто сакав да го започнам овој проект.
3. Од што ти доаѓаат идеи и каков е тој кретивен дел?
Значи текстовите секојдневен живот најчесто, тоа што го гледам јас, тоа што го слушам, мене што ми се случува и општо луѓето што ми кажуваат. Кога муабетам со некого и таа тема ми создаде идеја, со што би мислел и дека на другите луѓе им му помогнало. Да кажам ако е некоја подепресивна тема и да знаат дека не се сами, буквално тоа е. Пример да се шетам низ парк и да видам некој како се однесува и да ми текне ајде да напишам песна за ова однесување, потоа седнувам и се трудам во некоја приказна тоа да го пренасочам и да му дадам смисла.
А во инструменталниот дел, најчесто си правам музика цело време и потоа кога ќе имам некој текст што ќе го напишам барам соодветно што одговара. Да речеме некоја песна да е подепресивна, ама поенергична и сакам да го извадам гневот ќе побарам тоа што имам снимено што се совпаѓа, некогаш се случува и на лице место да го направам тоа, но поретко. Ги гледам тие 2 делови како посебни и како можам да ги спојам потоа.
4. Во твојата музика ја гледаме потемната страна на животот, какво влијание ти има за перспективата на животот?
Па нема мислам, тоа е едно нешто. Јас сум позитивен тоа е нормално, но најчесто ги пишувам негативните работи бидејќи мислам дека тоа би му помогнало најмногу на луѓето. Знам јас како сум се пронашол во некои текстови од други музичари за раскинувања, проблем со општеството и слично, со што така знам дека и мојата музика може тоа да го направи.
5. Кои алатки ги сметаш како неопходни во креирањето на музика?
А очи и уши, со едното гледам, а со другото слушам. Слушањето музика која ме инспирира и да се решам сакам нешто слично да наравам, се разбира и мојот мозок да ги разбере тие работи кои ги гледам и да ги спои двете перспективи кои постојат.
Да не се приврзувам многу за работи, да сум отворен. Материјално, се разбира целата опрема за свирење тоа доаѓа како неоходно.
6. Кај повеќе артисти уникатноста и наоѓањето својот звук е битен момент, ама сепак треба да бараш нешто што веќе е познато да не си странец, како ќе го објасниш тој развиток кај тебе?
Јас не се замарам многу со тоа, сакам да правам тоа што го слушам. Бидејќи ако правам музика која битребало луѓето да ја слушаат би бил во друг жанр, затоа правам тоа што мене ми се допаѓа во тој даден период. Мешам често, ако денес слушам гранџ, следната недела може да слушам некоја поп музика. Задржан сум на некој панк рок, но секогаш варира тој круг. Не се замарам толку за луѓето, јас правам и ако не му се допаѓа тоа е тоа.
7. Во која сфера гледаш дека можеш да си дозволиш уште повеќе експериментирање?
Малку по комерцијална музика немам направено? Некои поприфатливи песни, чекорот од претходниот разговор. Да направам пример некоја indie песна која би била поприфатлива. Да седнам да креирам некоја хит песна, но сепак никогаш не можеме да знаеме која ќе биде таа хит песна. Значи нешто слично што повеќе се слуша на овој фазон.
8. Која е твојата врска со уметностите надвор од музиката?
Едноставно е… Музика, музика, музика. Сакам исто да снимам бендови, микс и мастеринг и тонец, тоа ме привлекува. Сепак кругот е во музиката.
9. Омилена песна за изведба?
Од моите, па да. Иако сите ми се омилени што ги ставам да ги снимам, ама две би рекол „Дневник“ и „Сакам“. Општо пеењето, музиката, текстот и за настап во живо се посебни. Исто, „Живот рекрасен“ е побрза песна и секогаш завршуваме со таа песна, бидејќи прави одлична атмосфера за крај!
10. Какво е твоето мислење за алатките надвор од музиката кои помагаат да се истакнува твојата музика?
Влоговите ми се интересен дел, си снимаш тоа што ти изгледа интересно, потоа ги едитираш. Кога има повратен одговор од луѓето дека тоа му се допаѓа, тоа е одлично. Би сугерирал сите креативци да прават влогови, бидејќи навистина е интересно тоа да се гледам. А останатото е толку исцрпувачки, ние што сме независни артисти, мораме цело време сами да бркаме радија, интервјуа и слично. Ретки се платформите како вас кои сами вие не барате. Исто, дистрибуцијата цело време да се плаќа, споделува и најчесто одговорт е само лајк. Иако луѓето мислат дека е најтешко да снимиш песна не е, туку да ја прошириш. Посебно кога си сам и кога немаш поддршка огромна за да стигне до било кого. Тој процес сам треба да го правам и многу е исцрпувачки. Убаво е да се има некој близок кој може тој маркетинг дел да го опфаќа, бидејќи навистина е тешка игра и премногу е во транзиција. Тој дел би рекол дека е мрачниот дел од музиката.
Завршува ова Спознавање и интересен разговор со мојот колега. Навистина ми е мило што Димиш се нафати да ги отвори своите порти кон овој разговор, за да сфатеме дека е битно тоа што го интернализираме да се потрудеме да излезе на виделина. Со тоа, може да им помогнеме на останатите, но исто и на самите себеси.
Доколку сте фан на панк рок, или пак расположени сте да бидете размрдани секогаш може Димиш да ви го реши тој проблем. Кога некој твори со наивност и отвореност, јасно е дека крајното четиво секогаш е нешто кое ќе дојде како ведро небо во денот за секого.
„И кога палат книги, тие не ги уништуваат мислите, туку само хартијата на која тие мисли се запишани.“
Следете го Димиш на Spotify и Youtube.
Интервју: Дарко Беровски
Фотографија: Емилија Трајковска