Каде и да не дочекаат Луфтанза играме и забораваме, такашто ни ја докажува жилавоста на овој бенд да направи бран низ целата бина. Комплексноста на овие креативци се должи на тоа што се длабоко синхронизирани меѓусебно, со што крајното дело е удел од повеќе отворени умови.
Најновиот нивни албум, Давор е одличен приказ на другарите во бендот кои сакаат да не раздвижат со експериментирање, но сепак отворајќи го нашиот ум кон таа апстрактна меланхолија која често ја забораваме во нас и само со музиката можеме да ја откриеме пак.
1. Како во екот на короната дојде до идејата Луфтанза?
Па се дружевме уште пред да постои бендот, во принцип кога фати короната Мартин почна да прави песни и рековме ние што сме како екипа да склопиме бенд.
Првично бевме блиски другари, а имавме и други бендови претходно. Веќе четири години се дружевме и свиревме и кога пукна короната добивме уште поголем поттик да направиме нешто.
Додека пак, самото име доаѓа од филмот на Scorsese, Goodfellas.
2. Како би се опишале меѓу вас со еден збор
Андреј-генијален, Лука-страствен, Раде-одговорен, Иво-срце, Виктор-вистински;
Андреј-пргав, Мартин-најплодороден, Виктор-див, Раде-луд научник, Иво-љубител
3. На кој начин ви еволуирала музика на новиот албум во споредба со претходниот?
Различен е процесот на смислување, бидејќи овие песни се слуша дека многу луѓе ги компонирале. Мислиме дека со овој албум почнавме навистина да свириме заедно. Најголем предизвик ни беше да направиме песна на проба.
4. Како црпите инспирација и дали има некои конкретни артисти?
Slint, black midi, Black Country New Road, Pink Floyd, Sonic Youth, Swans и многу други. Црпењето инспирација не е некој конкретен процес, сите влијанија се напластуваат и излегуваат на виделина, свесено или несвесно, при свирење и компонирање.
5. Кој совет го имате добиено од друг музичар по кој сеуште се водите?
Иво: Од Ата, секирај се само за тоа да е вистинско.
Мартин: Од Иван Петровски, еден од најдобрите совети кои ги имам добиено за музика, а и генерално за животот, е кога ќе ги научиш работите дека треба да ги заборавиш. Не треба да се замараме премногу за деталите кога потсвесно ги знаеме работите. Кога ќе научиш, заборави го тоа што си го научил и води се по моменталната духовна состојба.
6. Кој настап ви бил најинтересен и зошто?
Првиот, дека е прв. Иако беше со седење поради Ковид мерките, на последната песна публиката не можеше да издржи да не стане. Едноставно музиката е за играње и ги раздвиживме. Исто така јаки се настани кои што се помали, најчесто се добива подобар звук, а и поврзаноста што ја добиваш со публиката е неспоредливо поголема. Во Тетово во Рок Кафе беше една од најјаките, затоа што бевме доста гласни и ни беше прва свирка над саат време. И ПИН во МКЦ беше многу добро. Сите свирки имаат нешто посебно за нив, некој интересен момент на спонтаност. На пример, еднаш направивме свирка во гаража за околу 15-тина другари, дојдоа и едни деца од маалото кои си играа надвор и се направи убава атмосфера.
7. Доколку би имале шанса да отворате за некој музички уметник или бенд кој би бил?
Симфонискиот оркестар на Lord of the Rings, King Gizzard, Godspeed, Oasis, Cypress Hill (вон музички контекст), Slint, холограм концерт на James Brown.
8. Дали доволно се негува влијанието на уметноста?
Се негува од тие кои го разбираат и се соживуваат со тоа влијание. Од оние кои се таму поради нешто друго, а не поради уметноста, не би очекувале нешто освен негување на пластифицирани банкноти.
9. Како би ја опишале Балканската турнеја и дали може да споделите некоја случка надвор од одличните свирки?
Беше многу интересно. Запознавме многу нови луѓе. Се дружевме со Klotljudi. Шетавме, се изнасвиревме и каде и да поминевме зад нас остававме делумен хаос. Поздрав до Клуб Митралјез во Зрењанин и тонецот таму, кој ни ја направи вечерта, покрај тоа што имавме 6 луѓе на свирката, нè направи да се чувствуваме добредојдено и се изнаигра во први редови.
10. Кои се ваши омилени моменти во новиот албум Давор?
Drum-солото на Триеме, спориот дел на Шриков, делот во ⅞ на Алиса, Stooges/QOTSA пијано делот на Цвејче и уште многу моменти кои ги забораваме и се присеќаваме на нив при свирење.
Нема спас за оние без глас, но овој бенд го изградува и зацврстува со секој свој албум. Секогаш ми служат како еден од примерите кога ќе се соочат со некого од странство и зборуваме за нашата локална музика, бидејќи квалитетот е тука, само треба повеќе да го негуваме.
Доколку за прв пат ќе се соочите со музиката на Луфтанза, уживајте и бидете отворени на нивните длабоки стихови и раздвижувачки инструментали, бидејќи си должете да ја опипнете оваа музика.
“Од гледна точка на дрвото, сечењето дрво е злостор. Од гледна точка на хартијата, сечењето дрво е создавање.”
Следете ги Луфтанза
Интервју: Дарко Беровски
Фотографии: Леон Шумански и Стефан Самандов